понеделник, февруари 06, 2006

Мрза, Злостор и казна и црни мисли

Ме разбуди телефонот.Братучед ми во паника се јавува за да праша дали болело земање крв од вена. Ме изнасмеа.

Гледам веќе 11 саат станало. Се мувам по дома, местам кревет и незнам што да правам. Прашина на мебелот од пред 3 дена, ама ме мрзи да ја избришам. Оставам за после. На телевизија ништо освен по некоја серија и досадна драма на Hallmark.

Земам да читам. Злостор и казна. Ја пропуштив во средно па решив пред некое време да надокнадам се што сум испуштила. Читам триесетина страни и пак немам што да правам, а не ми се чита. Ме спопаѓаат црни мисли. За некој ден полнам 25, а што сум направила до сега? До кај сум?

среда, јануари 25, 2006

Кои се тие "Глас на светлината"?

Стварно кои се? Нигде не слушнав ништо за нив. Се појавија од нигде, наеднаш со некои си протести, ко демек еве они за народот насекирани. Сакам да знам кои се? Колку време постојат? Што проекти изреализирале до сега? Што е поентата на нивното постоење? Кои им се идните проекти? Стварно сакам да знам.

Пробав да побарам нешто за нив на интернет, ама се што најдов е овој блог. Немаат ни веб страна! Ама изгледа дека имаат ограноци низ цела Македонија. Барем по она што го гледам на ТВ. Гооооолема организација. Ама пак ќе кажам, без веб страна.

Па кои се тие што им паднало на памет дека со затварање на неколку улици ќе ја премислат власта да не го продава ЕСМ? Процес кој е започна одамна и одеше вака:

- одлука за продажба 2000 год.
- одложување на продажба 2002 год.
- избор на модел "во една целина" февруари 2005 год.
- промена на моделот "сепродава само дистрибуција" септември 2005 год.
- објава на тендер ноември 2005 год.
( процесот е цитат од Неделно Време)
- и блокади им текна да прават јануари 2006

И сега овие ќе ги спречеле. Бог да не чува од вакви луѓе.

четврток, јануари 19, 2006

Се враќам

Не го гледајте темплејтот, хаос е. Али тоа не е битно сега.

Ме снема долго време. Имав ептен лош период. Се испишав од факултет, се вработив и за неполн месец се одвработив :). Не ми платија колку што ми ветија. Не ме пријавија... Ми го украдоа мобилниот... Не треба повеќе да кажувам. Доста е.

Ај сега одам да ве читам, да видам кој што пишал.

среда, јуни 29, 2005

Танги, танги, танги...

Инспирирана од еден муабет на блогерскиот состанок седнав да напишам еден пост.

Незнам како, ама падна муабет за машка (да речам јавна) личност и за тангата која ја носи.

Незнам зашто некој маж би имал потреба да носи танга. За да не му се гледаат рабовите од ѓаќите кога носи тесни панталони? Посекси се чуствува во танга? Зарем е убаво чуството да имаш парче материјал во задникот? Не го знам одговорот на првиве две прашања, а за последново знам дека не е некое убаво чувство. Замисли си машки, влакнест, сплескан задник во танга. АААААААА гадно. Јас мислам дека тангата е привилегија на жените (девојките) со добар стегнат задник.


четврток, јуни 23, 2005

24 годишна СОС мајка во Детското село


Еве еден од моите одлежани постови во Draft.


Читајќи ТЕА модерна (моето омилено списание) налетав на нешто интересно и убаво. Налетав на еден текст посветен на Детското село во Скопје. Тоа што ме воодушеви е една 24 годишна девојка која работи како СОС мајка на 7 деца. Оваа мајка има за задача да се грижи за децата, со кои живее во куќа од 139 м2. Таа освен личен доход добива и семеен буџет со кој ги покрива потребите на куќата и децата. Нејзината работа подразбира целосна посветеност на овие деца, напуштени од своите родители, се додека тие не застанат на свои нозе.
Јас бев фасцинирана од оваа девојка која е на моја возраст и одлучила да се посвети на овие деца. Таа буквално живее во тоа "село" со "своите" 7 деца. За оваа работа треба да се има стварно големо срце и желба. Не секој може ова да го работи. Алал да и е.

недела, јуни 19, 2005

Јас - експлоатирана


Не можев да поверувам дека газдарицата на Теранова, каде бев на обука (проба), шест дена знаеше дека не смеам да работам во магацин, алергична сум на прашина, а го чекаше десетиот ден, последниот, на крајот од работното време за да ме шутне. Се почуствував искористено. Јас шест дена трошев време и пари. Па можеа одма да ми кажат да престанам да доаѓам. Е можеа, ама не ми кажаа.

А јас грев жив имам астма и сум алергична на прашина, па тој магацин гаден, прашлив не смеам да го помирисам, а не да седам цел ден во него и да празнам и фрлам прашливи кутии. И што да се прави? Нема друго чаре, мора да се извести шефицата. И кажав што е работата и таа веднаш ме прати горе да работам во дуќан.

Последниот ден од мојата обука . Работам и се туфкам, не знам што да правам. Кого да прашам за мојата судбина понатаму? Останувам на уште 15 дена обука или не? И си викам нема друго чаре, ќе прашам некого.
И прашав една од вработените што да правам.

Ми рече:- Кога ќе ти завршува смената кажи и на шефицата дека ти е последен ден и она ќе ти каже, ама најверојатно ќе ти продолжат уште 15 дена.
Десет минути пред да ми заврши смената ми се обрати шефицата со зборовите: -Што прајме?
И ја фино-лепо и викам: -Еве разнесувам. А она ми вика: -Тебе десети ден ти е, а? И јас потврдувам.
- Епа знаеш за продолжување... тешко. - Ми вика она. Мене црно пред очи, збирам сила и ја прашувам која е причината што не останувам.
- Па знаеш јас и кажав на газдарицата за ова што ми кажа (мислеше на мојата алергија) и она рече дека не ќе можеш да работиш затоа што ќе мораш се да работиш и во магацин, и во дуќан .... бла, бла, бла...

недела, јуни 12, 2005

Не ми текнува наслов за постов


Пред неколку дена почнав да одам на обука на местото каде што конкурирав за работа. Кога ми се јавија и ме повикаа да одам бев многу, многу среќна. И имав зошто да бидам среќна. Си реков ете дојде време и јас да се офајдам. И оп, уште првиот ден од обуката доживеав разочарување.

Кога бев на интервју ми беше објаснето се. Прво ми беше кажано дека доколку поминам на интервјуто ќе бидам повикана на обука која ќе трае 10 дена и за тоа нема да добијам никаков надомест, ми беше кажана стартната плата (која мене ми изгледа пристојна) и дека за секој саат плус одработен се добива екстра пара, дека работата е многу напорна и се бара брзина и снаодливост, дека многу пати може да треба да се останува до доцна вечер (или рано сабајле), и уште некои ситници. И така јас откако ислушав се, ги прифатив условите и ете за две недели ме повикаа. Кога стигнав на местото на настанот ми беа докажани уште некои условчиња меѓу кои и тоа дека откако ќе ги поминам десетте дена обука и доколку ме бива за работата, ќе треба да поминам уште 15 дена обука кои исто така нема да ми бидат платени. Значи 25 дена неплатени. И мене во моментот ми се фифнаа нервите , што би рекла мајка ми, и избројав до три и реков добро и ова ми одговара. Кога си во незавидна позиција како мене се ќе речеш дека ти одговара и после ќе си тупиш глава како ќе се снаоѓаш. Не ми е јасно како можеше госпоѓата шефица, која патем не е повеќе шефица, да заборави да ми го каже тој мал детаљ? И испадна дека не заборавила да ми го каже само мене, туку и на сите други што беа повикани на обука.
И еве тек сега ќе се изгубам и нема да пишувам постови затоа што незнам каде ми е главата од работа и немам време за ништо и никого на светов. Вести не сум слушнала цела недела, филм не сум погледнала, незнам што се случува со луѓето околу мене... Почнав да отупавувам.